Новинарот и фотограф Зоран Андонов, во среда на 18 март, ќе ја отвори изложбата „Водици 2002-2026“ во Музејот на тетовскиот крај, Тетово.
Ќе претстави 163 фотографии, од вкупно изработени над 3 илјади – како тематика го одбрал празникот Водици, кој тврди дека е е еден од најфотогеничните верски празници.

-Ако зборуваме со речникот на фотографијата, сета таа процесија, почнувајќи од службата во црквата, насобраниот народ, осветувањето на водата, чин кој најчесто го извршува владиката, па оние млади, а некогаш и постари, момчиња кои бестрашно и со атрактивни скокови влегуваат во плиткиот црковен базен со ладна вода, борбата меѓу нив кој ќе го фати крстот, заедничката радост и честитањето на победникот и на крајот големата желба на насобраниот народ да наполни барем едно шишенце од осветената вода, сето ова дава прекрасна можност да се направи не само документарна фотографија туку и фотографија која ќе има и уметнички предиспозиции – вели Андонов.
Андонов, од 2002 година почнал редовно да го следи чествувањето на Водици.
-Од 2002 година, откако во претходната година го набавив мојот прв дигитален фотоапарат, почнав редовно да го следам чествувањетона Водици(ги имам пропуштено само 2003, 2016,2021 и 2025 година, и тоа поради објективни причини). Од 2018 година почнав да го следам положувањето на крстот и во Црквата Св. Богородица во Горно маало, а на оваа изложба имам фотографии и од Стенче, Волковија и манастирот Св. Јован Бигорски, односно положувањето на крстот во реките Вардар и Радика. Фотографирајќи го празникот Водици во изминативе 24 години направив преку 3.000 фотографии. Од нив одбрав 162 кои се пoтставени на оваа изложба. За секоја година одбрав по шест фотографии правејќи на тој начин по една мала приказна од најзначајните моменти кои го одбележале ова чествување. Акцентот го ставив на документарната фотографија која е тесно поврзана со мојата професија новинар, но секако се обидов да го запазам и уметничкиот аспект на овие фотографии – вели искусниот фотограф и новинар.

Неколку од фотографиите кои ќе бидат изложени биле примени на изложби организирани во Македонија, но и во странство.
Андонов изразува и благодарност до личностите кои му помогнале во реализирањето на оваа изложба.
-За реализацијата на оваа изложба сакам да изразам голема благодарност на: Драги Неделчевски, во помошта околу изборот на фотографиите и дизајнирањето на каталогот за изложбата, на графичкото студи „КОМА дизајн“ и посебно на Бане Гелевски за печатењето на фотографиите, на Фото сојузот на Македонија, на моето семејство за поддршката во реализацијата на изложбата – вели Андонов.
Отворањето на изложбата е закажно за 19 часот.

