Во предвечерието на Денот на ослободувањето на Тетово, Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи – Тетово и годинава ја организира традиционалната градска свеченост под слоганот „Сите сме борци“.
Настанот е посветен на заедништвото, љубовта кон родниот град и зачувувањето на сеќавањето на борбата за слобода. Со богата програма, мултимедијални содржини и специјални гости, свеченоста претставува можност тетовци заеднички да го одбележат празникот и да ја потврдат својата поврзаност со градот и неговото историско наследство. Настанот започнува во 19 часот, на 18 ноември во Центарот за култура „Иљо Антески -Смок“-Тетово.
-Почитувани сограѓани, Ве покануваме на градската свеченост, на настанот за сплотеност и единство, за љубов кон родниот град и луѓето кои го прават голем и горд сите изминати години! Годинава прославуваме под слоганот „Сите сме борци“! Подготвивме богата програма, квалитетен мултимедијален настан, изненадувања и специјални гости вечерта на празничната свеченост на 18.11.2026 година во 19 часот во ЦК Иљо Антески Смок – Тетово. Влезот на градската свеченост е бесплатен.

Поради големиот интерес секоја година, информираме дека вратите на ЦК Иљо Антески Смок ќе бидат отворени пола час порано. Учтиво ги замолуваме младите да отстапат седиште на повозрасните. Поканете ги блиските! Ќе биде прекрасна вечер! Бидете дел од централното градско собирање во годината!
Запомнете, борбата на нашите дедовци мора да се памети, слободата мора да се чува, сите сме борци за нашиот град! – велат од Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи – Тетово.

