Убава вест пристигнува од Бијељина, Босна и Херцеговина од нашите талентирани дечиња и нивните диригентки – хорот „Крешендо“ го освои првото место и се закити со златен медал на XXV Хорски фестивал „Мајски музички свечености“.
Хорскиот фестивал се одржува од 8 до 12 мај, а учествуваат хорови од неколку земји, меѓу кои и нашите „Крешендо“, со поголемите хористи. Се работи за еден од најважните хорски настани во регионот. На овогодинешното издание на фестивалот учествуваат рекордни 50 ансамбли и повеќе од 2.000 хорски пејачи, диригенти и музички наставници од Република Српска, Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Федерацијата Босна и Херцеговина. „Крешендо“ настапија и на свеченото отворање (8 мај), а денес (9 мај) се одржи натпреварувањето. „Крешендо“ се натпреваруваа во Д категорија, во конкуренција со 7 хорови.

Диригентките Фотини Георгијадис Кировска и Марија Пулковска Здравкоска со силни впечатоци од гостувањето и натпреварот. Задоволни од организацијата и настапот, велат дека ќе се вратат со убави спомени и се разбира, највисокото признание од фестивалот.

-Навистина сме презадоволни од организацијата и гостопримството на домаќините. Секогаш со нетрпение се враќаме во Бијељина. Првиот ден настапивме со традиционален македонски репертоар, а меѓу песните кои ги изведовме ја имаше и „Македонско девојче“ – истакнаа Георгијадис Кировска и Пулковска Здравкоска.

Хорот „Крешендо“ има деца од различни возрасти до 14 години, а од самите свои почетоци бележи многу успешни настапи и добива награди.
Несомнено, хорот „Крешендо“ прераснува во вистински бренд на Тетово и амбасадор на хорската музика и културата и кај нас, но и надвор од земјата.
Честитки драги наши, Ви посакуваме уште многу успеси! Тетово е гордо на ВАС!


