„Блесоглас“ – вака се насловени концертите кои Градскиот мешан хор „Балтепе“ – Тетово, ќе ги одржи во Брвеница и Јегуновце.


За концертот во Брвеница резервиран е 4 април, со почеток во 18.30 часот, во Општинската сала во Брвеница. М-р Јасмина Ѓорѓеска-Каро најавува одлична програма – под нејзина диригентска палка ќе се изведат дела од класични и македонски автори, како и светски познати спиритуали. Ова е репертоарот за концертот во Брвеница:

Вториот концерт е закажан за следниот ден, односно 5 април, во местото Пештер во Јегуновце, а ќе започне во 12.30 часот. Ова е репертоарот за вториот концерт:

Градскиот мешан хор „Балтепе“ од Тетово е формиран во септември 2025 година, на иницијатива на група граѓани, ентузијасти, заедно со актуелниот диригент и застапник на хорот м-р Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Во досегашниот краток период на постоење, хорот има реализирано два настапи: на 100-годишниот јубилеј на планинарскиот клуб „Љуботен“ и 25-годишниот јубилеј на Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје. Членуваат хористи од најразлични возрасти, кои освен дружењето ги поврзува љубовта кон хорската музика и пеењето. За тековната 2026 година хорот предвидува многу настапи низ земјата, како и надвор од неа.
Ѓорѓеска како диригент е веќе етаблиран уметник во музичкиот свет и има освеное многубројни награди на национални и меѓународни натпревари. Редовно учествува на семинари и симпозиуми за хорско диригирање, презентирајќи ја македонската музика во многу земји. Нејзиното искуство опфаќа работа со различни видови состави – детски, младински, возрасни, аматерски и професионални. Од 2008 година е диригент на хорот при Македонската опера и балет, од 2012 година го води ГМХ „Вардар“, а од 2025 и ГМХ „Балтепе“. За престојните два концерти најавува убава атмосфера и вистинско доживување на хорската музика.

