„Да бидеме луѓе и да не вртиме глава“: Борбата на „Другари со крзнените“ за бездомните животни

Сподели:

Елена Илиевска, претседателка на здружението „Другари со крзнените“, за предизвиците во спасувањето животни, недостигот од поддршка и потребата од системски решенија за проблемот со бездомните кучиња и мачиња.

Зад секое спасено животно стојат време, љубов, пожртвуваност, но и трошоци што не секој може да ги поднесе. Во Тетово, група граѓани здружени во организацијата „Другари со крзнените“ се обидуваат да им помогнат на напуштените и повредените животни, често потпирајќи се на сопствените средства и ентузијазмот на волонтерите.

Иако здружението постои околу една година, неговите членови и претходно индивидуално помагале, хранеле и вдомувале животни. Но, како што вели претседателката на здружението Елена Илиевска, потребите се многу поголеми од можностите, а недостигот од простор, финансии и континуирана поддршка значи дека не секогаш можат да помогнат онаму каде што се најпотребни.

Во интервју за Плус форте радио, Илиевска зборува за почетоците на здружението, секојдневните предизвици, приказните со среќен крај и она што мора да се промени за бездомните животни да добијат подобра иднина.

„Не можев сама да се справам со толку многу напуштени животни“

Како и кога се роди идејата за „Другари со крзнените“? Кои луѓе стојат зад организацијата и што ве мотивираше да го посветите своето време на спасувањето животни?

-Идејата се роди пред околу една година, од преголемата болка и немоќта сама да се справам со толку многу напуштени и повредени кучиња и мачиња. Првично, јас, како претседателка на здружението, се обидов да соберам што повеќе луѓе од Тетово. Ги барав во Фејсбук-групата „Бездомни животни – Тетово“, следев кој активно помага и успеав да соберам околу 20 млади луѓе. Со текот на времето, дел од нив се повлекоа, се појавија несогласувања, а некои заминаа и други дојдоа. На крајот, неколкумина се здруживме и го регистриравме здружението за заеднички да им помагаме на нашите улични другари. Ако ние, луѓето, не им помогнеме на животните, нема кој друг.

Со какви ситуации најчесто се соочувате? Дали добивате повици за напуштени или повредени животни?

-Најчесто се соочуваме со проблеми кога сограѓани без грам емпатија и свест се расправаат со нас, на пример „зошто ги храниме“? Ние немаме прифатилиште/шелтер, затоа и на повици од типот ,,ваму има, таму има животни“, јасно им даваме насоки како и каде да се обратат, и како да му помогнат на животното што го виделе.

Кој случај досега најмногу ви останал во сеќавање?

-Сите приказни со среќен крај ни се драги. Еве една од подрагите. Хејзл беше мало маалско кутре, мило, игриво. Се до тој ден кога се јави тетка Фикрета и ни пријави дека Хејзел не јаде и дека нешто со неа не е во ред. Со Анета за 5 минути бевме на лице место и имаше што да видиме. Хејзел беше во очајна состојба. Ја викнавме Габи да не одвезе до с. Жилче кај др. Елена. За да тестирањето покаже дека е заразена со парво вирус. Исходот не знаеше ама сите ние силно веруваме дека Хејзел ќе се извлече. Благодарение на др. Елена се опорави Хејзел, се излечи, ја средивме целосно и ја сместивме во пансион. Во оваа приказна многу ни помогна Ненад Зец кој ја спонзорираше Хејзел се додека не се вдоми. Неговата помош, чисто срце и добра волја помогна за брзо вдомување во Англија. Сега Хејзел ужива со своите сопственици.

„Многу животни не сме успеале да ги спасиме“

Колку животни досега сте спасиле и вдомиле? Каква е реално ситуацијата со поддршката во Тетово?

-Откако се здруживме, во текот на оваа година имаме вдомено околу 20 животни. Пред тоа, секој од нас помагаше индивидуално, хранеше, спасуваше и вдомуваше животни на начин на кој знаеше и умееше. Реално бројката на заинтересирани во Тетово е очајна. Имаме чувство дека 70% од нашите сограѓани немаат ниту слух ниту вид за овој голем и болен проблем. Поради немање наш личен простор (шелтер) ние сме приморани спасените животни да ги сместуваме во приватни пансиони кои нормално чинат многу, а ги плаќаме од сопствени средства. Исто и донациите се еднократни за жал. Затоа и немаме сила да дејствуваме како што сакаме и како што треба. Многу животни за жал не сме ги спасиле поради тоа. Факт е дека се чека на некој друг (активисти), да помогне и да спаси додека другите само пријавуваат и коментираат а никаде ги нема кога треба да се платат ветеринарните трошоци, пансиони и тн.

Што најмногу ви недостасува, освен финансии?

-Итно ни се потребни простор за згрижување животни, повеќе волонтери, ветеринарна поддршка, возило за транспорт и поддршка од продавниците за миленици во форма на храна, таблети, ампули и друга терапија. Ни требаат луѓе и организации кои ќе бидат со нас на долг рок, а не само повремено. Континуираната поддршка е многу важна, затоа што животните имаат потреби секој ден.

Колку чини грижата за едно куче или маче додека не биде вдомено?

-За едно куче кое треба да ги помине основните здравствени третмани и подготовката за вдомување, трошоците изнесуваат од 8.000 до 10.000 денари. Приближно иста е сумата и за маче. Во тие трошоци влегуваат две вакцини, микрочип и пасош, стерилизација или кастрација, ампули, таблети за прочистување од внатрешни паразити и заштита од надворешни паразити, како и потребните тестови и препарати. Ако животното е болно или повредено, трошоците значително се зголемуваат. Најчесто станува збор за животни удрени од автомобил или повредени од луѓе. Во такви случаи понекогаш мора да ги носиме во Скопје за снимања и дополнителни испитувања. Само една снимка чини од 700 до 800 денари, без да се пресмета превозот. Зад секое вдомено животно стојат многу повеќе трошоци отколку што луѓето можеби замислуваат.

Вдомувањето е одговорност, а не моментална одлука

Како изгледа процесот на вдомување кај вас? Што барате од потенцијалните вдомувачи?

-Вдомувањето во странство го реализираме со помош на пансионот „King and Queen“ и организацијата „Amos Pet Scotland“, кои многу ни помагаат. Вдомувањето во Тетово и пошироко во земјава оди многу тешко и макотрпно. Од потенцијалните вдомувачи бараме да ги сакаат животните, да се грижат за нив и да бидат одговорни сопственици. Исто така, сакаме да останеме во контакт и повремено да добиваме фотографии или видеа од животните, а доколку постои можност, и лично да ги видиме.

Останувате ли во контакт со семејствата што ги вдомиле животните?

-Со некои од вдомувачите сме во постојан контакт, но, за жал, со други по извесно време ја губиме врската. Најсреќни сме кога вдомувачите сами ни испраќаат фотографии и видеа, кога гледаме колку се грижат за животните и колку ги сакаат. Тогаш знаеме дека целиот труд имал смисла и дека животното добило дом каков што заслужува.

Како граѓаните можат да помогнат?

Како може некој да стане дел од вашата мисија? Дали помошта мора да биде финансиска?

-Секој што сака да ни помогне може да нè контактира и да донира пари, храна или лекови. Особено би ни значела редовна, месечна поддршка, како еден вид членарина, со која луѓето ќе станат наши другари и ќе помогнат да ја продолжиме мисијата. Но, помошта не мора да биде само финансиска. Пред сè, би сакале граѓаните да не влегуваат во конфликти со нас, туку да нè поддржат. Да не им наштетуваат на животните и да не ги повредуваат. Да разберат дека и тие се гладни, жедни и болни и дека им е потребна помош. Оние што имаат услови и желба можат да отворат дел од своите дворови и да згрижат барем едно животно. И најважно од сè, треба да ги воспитуваме и едуцираме децата и внуците да не се плашат од животните и да не ги малтретираат. Односот кон животните е нешто што се учи уште од најрана возраст.

„Потребни се шелтер и стручен тим, а не само ентузијазам“

Што треба системски да се промени за да има помалку бездомни животни?

-Најпрво, потребно е да се обезбеди место за шелтер, односно стационар за згрижување на животните. Второ, потребен е цел тим вработени кои професионално ќе работат во овој сектор. Проблемот со бездомните животни не може да се реши само со волонтери и нивната добра волја. Потребни се организиран пристап, соодветни услови и континуирана грижа.

Ако денес добиете неограничена поддршка, што би реализирале прво?

-Прво би обезбедиле простор за шелтер или стационар, а потоа би изградиле тим од луѓе кои ќе работат на оваа проблематика. Тоа би ни овозможило да спасуваме повеќе животни, да ги згрижуваме во соодветни услови и полесно да ги подготвуваме за вдомување.

Што би им порачале на оние кои мислат дека малата донација не менува ништо, како и на луѓето кои никогаш не размислувале да вдомат куче или маче?

-Секоја донација ни значи. Со неа гледаме дека не сме сами, дека некој ни верува и дека некој сака да ни помогне во оваа борба. На оние што никогаш немале миленик, од срце им порачуваме да вдомат, наместо да купат животно. Да спасат една невина душа која може да им го исполни животот со радост и бескрајна, искрена среќа.

Ако можете да испратите само една порака до јавноста преку Плус форте радио, која би била таа?

-Да бидеме луѓе и да не вртиме глава таму каде што сме најпотребни. Животните не зборуваат, но и тоа како чувствуваат. Не се плашете од нив, плашете се од луѓето, затоа што ние сме најголемите животни. Уличните животни се проблем што го создале неодговорни луѓе. Затоа е и наша обврска да ги тргнеме од улица, како во секоја нормална земја- порачува Елена.

„Другари со крзнените“ може да ги контактирате и на нивната официјална Фејсбук страница на овој линк.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top