Одбојкарките од ООУ „Лирија“ – Тетово, го освоија првото место на државните натпревари во одбојка за ученици од основните училишта (женска конкуренција).
Напорната работа и вложениот труд на тимот, предводен од тренерот Милан Ристовски покажаа одлични резултати.

Во полуфиналето се одигра наптреварот помеѓу ОOУ „Јан Амос Коменски“ и ОOУ „Лирија“, кој заврши 0-2, како и помеѓу ОOУ „Браќа Миладиновци“ и ОOУ „Сандо Масев“, кој заврши со резултат 1-2.
Во натпреварот за трето место победата ја забележа ОOУ „Браќа Миладиновци“ и тоа со резултат 2-1, во дуелот со ОOУ „Јан Амос Коменски“.
Финалето го одиграа ОOУ „Лирија“ и ОOУ „Сандо Масев“, со конечен резултат 2-1 за одбојкарките од Тетово.

Државните натпревари се одржаа во спортската сала на средното економско училиште во Тетово, а домаќини беа токму од ООУ „Лирија“. Натпреварите беа свечено отворено и со музичка програма и доделување на благодарници, па така и Плус форте радио се закити со благодарница за успешната соработка со ова училиште.

-Со огромна гордост ве известуваме дека ООУ Лирија -Тетово го освои првото место. Нашите одбојкарки покажаа извонредна борбеност, тимски дух, дисциплина и спортска посветеност, достојно претставувајќи го училиштето. Овој голем успех е резултат на нивниот труд, упорност, дисциплината, тимската игра и посветеноста . Честитки до сите кои беа дел од ова прекрасно достигнување! Горди сме што повторно докажавме дека спортот, знаењето и тимската работа носат врвни резултати – истакнаа од ООУ „Лирија“.


