„Откриј го својот талент и засвири со нас“ – во тек се уписите во Државното музичко училиште во Тетово

Сподели:

Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ ги отвора вратите за новите генерации талентирани ученици и ги поканува сите љубители на музиката да станат дел од светот на уметноста, креативноста и музичката хармонија.

Уписите за основно музичко образование се веќе започнати – имено, од 4 мај, па се до 8 јуни, 2026 година, сите заинтересирани можат да дојдат, да го откријат својот талент и како што велат од училиштето, да стапнат во светот на музиката. Во музичкото училиште се нудат голем број можности, односно може да се изучуваат повеќе инструменти: за првачиња пијано, виолина и виолончело, а деца со завршено одделение може да изучуваат свирење хармоника, гитара, кларинет, труба, ударни инструменти и соло пеење.

Како што може да се забележи на информативниот постер, пријавувањето е овозможено и по електронски пат.

Со долгогодишна традиција во музичкото образование, училиштето претставува место каде талентот се препознава, негува и развива преку стручно водство, посветена работа и љубов кон музиката. Основното музичко образование им овозможува на децата да го откријат својот потенцијал, да стекнат дисциплина и самодоверба, а преку инструментите и настапите ја изразуваат својата креативност. Музичкото училиште во Тетово може да се пофали со бројни концерти на кои децата од различна возраст го покажуваат наученото.

Во текот на овие денови, се реализира и Детски музички концерт со богата програма, со ученици од класата на наставничката Љубица Зафировска. Како пијано придружба е присутна Елена Карапејовска, а концертите се одржуваат под мотото „Музиката не обединува“. Во текот на денешниот ден се реализираше првиот концерт, а планирани се повеќе изданија и тоа утре (19 мај, вторник), концертот ќе се одржи во 13 часот и 30 минути, а во среда на 20 мај, ќе се одржат дури три концерти и тоа во 11 и 30, 13 и 30 и 18 и 30 часот.

Музичките приказни и инструменталните точки, како и настапите на детскиот хор се прекрасна можност за секој кој сака да зачекори во светот на музиката, да се увери во посветеноста и вложениот труд на наставниците во поддршка и унапредување на талентите и креативноста на учениците.

Музичкото образование е повеќе од учење ноти – тоа е развој на слухот, меморијата, концентрацијата и емоционалната интелигенција. Преку музиката, децата учат да создаваат, да комуницираат и да ја преточат својата енергија во уметност.

Атмосферата од денешниот концерт е само потврда за напредокот кој го постигнуваат учениците заедно со своите наставници.

За повеќе информации, заинтересираните можат да се обратат директно во училиштето на телефон: 044/336-233, како и на преку е-пошта: dmutetoec@yahoo.com и на веб страницата www.todorskalovski.edu.mk.

Секоја нота е чекор поблиску до остварување на сонот – а вистинското музичко патување започнува токму во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top