Сојузот на борци Тетово бара измени на Законот за определување на имиња на улици од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА и ЗНАМ во Собранието

Сподели:

Од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи – Тетово, со барање за зајакнување на законската регулација.

Од Сојузот на борци до координаторите на пратеничките групи од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА и ЗНАМ достави Барање за отпочнување на постапка за измени и дополнувања на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.

Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

СООПШТЕНИЕ   ДО  ЈАВНОСТА

-Барање за зајакнување на законската регулација-

Почитувана јавност,

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово денес 19.08.2026 година до координаторите на пратеничките групи на парламентарните политички партии ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА и ЗНАМ достави Барање за отпочнување на постапка за измени и дополнувања на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.

Барањето кое го доставивме е соодветно и комплементарно на измените направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации (Службен весник бр. 239/2022) од 08.11.2022 година, кога се направи законски филтер со цел спречување на регистрацијата на бугарските про-фашистички клубови низ државата.

Во нашето делување увидовме потреба да се подобри законското уредување на оваа значајна и сензитивна материја. Со предложените измени и дополнувања бараме во законскиот текст да се внесе изрична забрана за именување на улица, плоштад, мост и друг инфраструктурен објект со име на личност или организација поврзани со фашизам, нацизам, тероризам и нивните појавни форми, и други имиња поврзани со нивното делување и постоење. Исто така, бараме покрај претходната согласност од Владата која е колективно политичко тело до Советот на Општината, односно Советот на Градот Скопје, кој отпочнал постапка за определување на име, да се предвиди и задолжително и обврзувачко мислење во владината постапка и од страна на Комисијата за имиња формирана согласно Законот за здруженија и фондации, како стручно тело.  

Антифашизмот е основа на постоењето на македонската држава, а претставниците на граѓаните во највисокиот законодавен дом се обврзани да го штитат националниот интерес. Очекуваме позитивен приод од сите пратенички групи и итно отпочнување на законодавна постапка. – се вели во нивното соопштение.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top