Сојуз на борци-Тетово: Фадил Сулејмани ги сметал Македонците за Бугари, недозволиво е именување улица по него

Сподели:

Од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи-Тетово, со реакција за предлогот број 3 од листата на утврдени имиња за улици во Тетово – листата се утврди со нови 145 предлози на седницата од 12 август, одржана од страна на Работната група за именување и преименување улици во Тетово.

Од Сојузот на борци велат дека предлогот број 3 – Фадил Сулејмани е неприфатлив по повеќе основи и бара да биде отфрлен. Нивното образложение во продолжение (целосно соопштение):

СООПШТЕНИЕ   ДО  ЈАВНОСТА

Фадил Сулејмани ги сметал Македонците за бугари, а Македонија за вештачка држава, недозволиво е именување на улица по него

Почитувана јавност,

Нелегитимната Работна група за именување и преименување на улици во Тетово формирана од Советот на Општина Тетово на седницата на 12.08.2026 година утврди 145 предлог-имиња за тетовските улици, а во листата под број 3 е наведено името Фадил Сулејмани.

Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово остро се спротивставува на овој предлог, го смета за неприфатлив по повеќе основи и бара да биде отфрлен.

Лицето Фадил Сулејмани имал јасно изразени антимакедонски ставови. Сметал дека Македонците се бугари, а Македонија дека е вештачка држава. Пред пошироката јавност споделуваме исечок од дневниот весник Утрински весник од 12 јули 2000 година. Во објавениот текст се пренесени неговите антимакедонски ставови и јасната определба да го негира постоењето на македонската нација.

Утрински весник, 12 јули 2000 година

Погоре наведеното го прави предлогот Фадил Сулејмани да добие улица со негово име спротивен на чл. 6 од Законот бидејќи со истото се навредуваат чувствата на граѓаните, се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.

Да именувате улица со име на човек кој го негира постоењето на државата и посебноста на народот, е чин против државата, без преседан во светот.

Прашуваме дали Работната група е составена од луѓе чии компетенции се соодветни или само со послушници кои имаат задача да се потпишат на претходно подготвена листа? Дали преостанатите тројца членови Македонци во Работната групата го слушнаа и разбраа апелот веднаш да се повлечат? Кому служи вашето легитимирање на овој штетен процес?

Смрт на фашизмот – слобода на народот!  – се вели во нивното соопштение.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top