По повод 35 години од независноста на Македонија, Градскиот плоштад во Тетово на 7 септември ќе биде исполнет со детски насмевки, песна, музика и љубов кон татковината.
Под мотото „ТЕ САКАМЕ, МАКЕДОНИЈО!“, и годинава на иницијатива и организација на одделенските наставнички од Тетово, ќе се приреди свечена програма во чест на овој значаен јубилеј.
„ТЕ САКАМЕ, МАКЕДОНИЈО! ![]()
Под ова мото, а на иницијатива на одделенските наставнички од градот Тетово, на 7 септември 2026 година (понеделник), со почеток во 18:00 часот, на Градскиот плоштад во Тетово, ќе се одржи свечена манифестација по повод 35 години независност на Македонија.
Во оваа празнична вечер ќе настапат ученици од основните училишта од Тетово и тетовско: „Лирија“, „Гоце Делчев“, „Братство-Миѓени“, „Андреја Савески – Ќиќиш“, „Кирил и Методиј“ и „Коста Рацин“ – Брвеница, како и хорот „Крешендо“ и КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце.
Со песна, музика, танц и стих, учениците ќе ја збогатат прославата и ќе создадат атмосфера исполнета со радост, гордост и љубов кон татковината.
Вечерта ќе ја води нашата позната актерка Наташа Петровска.
Ова нема да биде само свеченост, туку вечер во која детските гласови ќе ја раскажат својата приказна за Македонија – со искреност, талент и љубов. Ќе пееме, ќе играме, ќе рецитираме и заедно ќе ја славиме земјата која ја носиме во срцето.
Нека биде ова празник на децата, на заедништвото и на љубовта кон Македонија!
Ве покануваме да бидеме заедно на Градскиот плоштад во Тетово, да ја почувствуваме празничната атмосфера и со гордост да го одбележиме 35-тиот роденден на нашата татковина.
ТЕ САКАМЕ, МАКЕДОНИЈО!
Ве покануваат
Одделенските наставнички од Тетово“
Веќе трета година одделенските наставнички заедно со учениците работат на креирање пригодна програма за достоинствено одбележување на овој светол датум. Заедно со учениците приредуваат незаборавен настан, на кој се испраќа порака за заедништво и љубов кон татковината. На 7-ми септември, во 18 часот, сите на плоштад во Тетово!

