Тетово достоинствено ќе го одбележи големиот јубилеј – 35 години независна Македонија.
Свечената програма ќе се одржи на 7 септември на Градскиот плоштад, со почеток во 18 часот, а свое учество ќе имаа основните училишта од Тетово и тетовско, како и културно-уметнички здруженија.
„Драги тетовчани,
На 7 септември 2026 година (понеделник), со почеток во 18:00 часот, на Градскиот плоштад во Тетово, ќе се одржи свечена манифестација по повод одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Во рамките на свеченоста ќе настапат ученици од основните училишта од Тетово и тетовско: „Лирија“, „Гоце Делчев“, „Братство-Миѓени“, „Андреја Савески – Ќиќиш“, „Кирил и Методиј“ и „Коста Рацин“ – Брвеница, како и хорот „Крешендо“ и КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце.
Со своите пригодни музички, танцови и рецитаторски точки, учесниците ќе придонесат кон создавањето на свечена и празнична атмосфера и достоинственото одбележување на овој значаен национален празник. Настанот ќе го води нашата позната актерка Наташа Петровска.
Оваа свеченост е можност заедно да ја прославиме нашата историја, слободата и иднината на татковината, а детскиот глас, талент и творештво да бидат симбол на надежта, единството и идните генерации.
Ве покануваме заедно, достоинствено и со гордост да го прославиме 35-тиот роденден на нашата татковина! Да бидеме заедно на Градскиот плоштад во Тетово – да славиме, да се гордееме и заедно да ја испратиме пораката дека љубовта кон татковината нè обединува!“ – стои во официјалната покана за настанот.

Сличен настан се одржа и минатата година, а огромен број на граѓани се приклучија во одбележувањето. Ваквите случувања се само потврда за заеднички вложениот труд на училиштата и здруженијата за достојно одбележување на светлиот датум, а настанот несомнено ќе биде место каде што повеќе генерации ќе создадат спомени за паметење и ќе испратат порака за заедништво.

